На денешната седница, Владата ги усвои новиот Закон за електронски комуникации и првиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи (сајбер безбедност), со што се отвора ново поглавје во дигиталната трансформација на Република Северна Македонија.
Двата закона се дел од Реформската агенда за дигитализација и транспарентност и се целосно усогласени со европската директива NIS 2. Од Владата оценуваат дека ова е „историски чекор за ИКТ секторот и за општеството во целина“.
Закон за електронски комуникации
Законот донесува значајни новини:
- ги зајакнува правата на корисниците,
- воведува нови правила за заштита на лични податоци,
- ја зголемува конкурентноста на пазарот.
Дополнително, законското решение ги дефинира надлежностите на Агенцијата за електронски комуникации, го подобрува правниот амбиент за операторите и е во согласност со ставот на Уставниот суд за чување податоци.
Закон за сајбер безбедност
Овој закон, прв од ваков тип во земјата, го воспоставува системот за заштита на дигиталната инфраструктура. Предвидува:
- воведување на нови безбедносни стандарди,
- формирање на национален и владин SOC (Security Operations Center),
- јасна поделба на надлежностите меѓу институциите.
Законот предвидува и формирање на:
- Национален координативен совет за сајбер безбедност,
- владин тим за одговор на инциденти,
- воспоставување на сајбер професионалци во сите институции кои управуваат со критична инфраструктура.
Владата потенцира дека овие закони се основа за подобра безбедност, поголема отчетност и поквалитетни дигитални услуги, како и чекор напред во градењето на транспарентна, сигурна и иновативна дигитална Македонија.