Македонија

Мирен собир на верници на плоштадот во Скопје во поддршка на владиката Партениј

Мирен собир на верници на плоштадот во Скопје во поддршка на владиката Партениј

Верници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска се собраа на скопскиот плоштад на мирен собир во поддршка на архимандрит Партениј како можен избор за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Собирот беше организиран со цел да се упати повик до Синодот на МПЦ-ОА да размисли за втор кандидат при изборот на нов митрополит.

Според присутните, актуелниот кандидат, предложен од Архиепископот г.г. Стефан, е поранешниот амбасадор во Ватикан и декан на Богословскиот факултет Ѓоко Ѓоргевски, кој неодамна беше унапреден во јероѓакон и потоа јеромонах. Но, верниците кои денеска се собраа, истакнаа дека поддршката ја даваат на отец Партениј – духовен водач со, како што велат, илјадници следбеници и исклучително влијание во црковниот живот.

– Ова не е протест, туку мирен собир на верници – луѓе кои се дел од она што се нарекува „жива црква“. Нашето барање е едноставно – да се слушне гласот на верниците и да се разгледа можноста за втор кандидат, рече еден од организаторите, Илија Ико Каров.

Тој додаде дека и покрај тоа што монашката смиреност не поддржува вакви јавни изразувања, чувствуваат морална обврска да застанат зад својот духовен водач и да побараат почитување на волјата на народот.

Сличен став изнесе и верникот Благој Веселинов, кој симболично го спореди актуелното црковно раководство со некој што прочитал прирачник за возење велосипед, но никогаш не го практикувал.

– Владиката Партениј не е само духовник, туку и водач, учител, пастир на илјадници верници. Нашата поддршка за него не значи отфрлање на другите, туку повик на разум и слушање на гласот на народот, рече Веселинов.

Собирот помина мирно, без инциденти, а учесниците најавија дека и понатаму ќе ги следат одлуките на Синодот и ќе останат активни во искажувањето на својата поддршка за отец Партениј.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни