Семејствата на починатите и повредените во трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ повторно ќе излезат на улица во сабота, на 14 јуни, организирајќи го десеттиот по ред протестен „Марш за ангелите“.
Маршот, кој е симбол на нивната борба за вистина и правда, ќе започне во 18:05 часот – време што, како што посочуваат организаторите, симболично го означува задоцнетиот одговор на институциите по трагичниот настан.
Маршрутата ќе тргне од Паркот на револуцијата во Кочани, ќе продолжи кон Трговскиот центар, потоа пред зградата на Општина Кочани, па кон полициската станица и ќе заврши пред Основниот суд и обвинителството во Кочани.
Во писменото соопштение, семејствата јавно повикаа на достоинствено однесување и почит кон настанот:
„Ве известуваме дека ‘Маршот за ангелите’ единствено е организиран од семејствата на починатите и повредените во пожарот во Кочани. Ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат и поддржуваат маршот и неговата реализација.“
Овој марш, како и претходните, е повик за институционална одговорност, транспарентност и завршување на истрагата со соодветни последици за сите инволвирани. Семејствата порачуваат дека нема да се откажат додека не биде исполнета правдата за нивните најблиски.