Македонија

СДСМ: „Пониква“ не е соодветна – ВМРО-ДПМНЕ: Згрозени сме од политичката злоупотреба на СДС

СДСМ: „Пониква“ не е соодветна – ВМРО-ДПМНЕ: Згрозени сме од политичката злоупотреба на СДС

Д-р Елена Радевска, членка на Комисија за здравство на СДСМ денеска истакна дека најавата дека Владата планира да го отстапи одморалиштето „Пониква“ како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во Кочани отвора сериозни прашања околу професионалноста, одговорноста и капацитетите на институциите. 

„Наместо да биде акт на грижа, оваа одлука изгледа како импровизација на сметка на здравјето на веќе трауматизирани и повредени граѓани.

Дали „Пониква“ е навистина погодна за медицинска нега?

Одморалиштето „Пониква“ е објект стар повеќе децении, наменет за одмор и рекреација, а не за медицински третман. Дали воопшто е проценето дали објектот ги исполнува техничко-технолошките стандарди, хигиенските и стерилни услови кои се минимално потребни за лекување на лица со изгореници и психо-физички трауми?

Зошто се игнорираат постојните специјализирани капацитети?

Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага?

Дали е ова одговорно институционално решение или само евтин пи-ар?

Наместо власта да се фали со нешто што не е за фалање треба да објави:

• Дали објектот е прегледан и одобрен од Државниот здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и стручен медицински тим?

• Кој ќе гарантира дека условите во „Пониква“ не се опасни по здравјето на пациентите?

• Каков персонал ќе работи таму? Има ли стручни медицински лица, Доктори, физиотерапевти, психолози кој би се нафатиле да работат во субстандардни услови?

Човечкото достоинство и грижата за повредените не е и не смее да биде компромисна категорија.

Повредените во пожарот во Кочани не се бројки во извештаи, туку луѓе на кои им е потребна вистинска, стручно водена и квалитетна медицинска грижа. Затоа, заслужуваат рехабилитација во современи, професионални и безбедни услови – а не сместување во објект чија намена, состојба и безбедносни стандарди се сомнителни.

Ако државата навистина сака да покаже грижа, нека го стори тоа со дела, не со маркетинг. Во спротивно, оваа мерка ќе остане уште еден доказ за импровизираното менаџирање на кризи и за политичко прикривање на институционалната неподготвеност“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вратија со реакција во која велат дека оценките на Радевска освен тоа што се паушални и злонамерни, се во исто време и дегутантни затоа што решија да прават политика и од ова прашање.

„Нема да навлегуваме во безидејноста и очајот на СДС што се надзира од далеку во прес-конференцијата на Радевска, но од оваа партија кога ќе излезат во јавност освен политиканство треба да понудат и факти. А факти нема.

Еве и зошто.

Врз основа на која проценка и кои факти проценија од СДС и Радевска дека одморалиштето Пониква се несоодветни за таа намена? Направија ли проценка или увид на лице место, или тресат од ракав реченици кои немаат врска со реалноста.

А еве ги фактите:

Ставањето во употреба на одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари на министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти.

Одморалиштето целосно подготвено ќе ги дочека првите пациенти, по направената дезинфекција, дератизација и дезинфекција од Центарот за јавно здравје од Кочани.

Во тек се и градежни зафати и адаптирање на одморалиштето за потребите на пациентите.

Притоа индикативна е политичката злоупотреба која се прави на оваа тема. Вчера почна од ВД градоначалникот на Кочани, Крстевски, кој не ги крие политичките амбиции, и кој објаснуваше како Пониква која е на 1560 метри надморска висина имало наезда на комарци, повеќе на пример од низината каде е градот Кочани, каде истиот тој има пропадната процедура за прскање против комарци, за да денес со слични глупости продолжи СДС со Елена Радевска која во основа го срами “белиот мантил” со такви паушални изјави.

Јасна ни е намерата да прават политика од секоја тема, но од месечината се гледа очајот на СДС, нивниот аматеризам и одењето против интересите на Кочанчани.

Има разлика. Пониква во време на СДС беше предмет на бизнис, што се гледа од хациендата на Мила Царовска, за нас Пониква е решение и спас за многу од повредените од Кочани.

Алармираме до медиумите и целата јавност со голема доза на скепса да пристапуваат до информациите кои ги лиферува оваа партија и ним блиските слуги“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни