Македонија

Случајот „Таргет“ застаре – државата ќе им плати на адвокатите на Мијалков

Случајот „Таргет“ застаре – државата ќе им плати на адвокатите на Мијалков

Случајот „Таргет“ – процесот што требаше да донесе правда за масовното и незаконско прислушување од поранешната УБК – официјално е застарен уште пред речиси две години. И покрај обемноста на случајот и неговата тежина, кој откри систематско кршење на човековите права, правна разрешница нема да има. Но, ќе има финансиска – за државниот буџет.

Поради измените на Кривичниот законик, кои овозможија побрза застареност на делата, обвинетите нема да одговараат, но адвокатските трошоци од овој судски процес ќе бидат наплатени – и тоа од државната каса. Тоа значи дека граѓаните, преку буџетот, ќе ги подмират трошоците на одбраната, а истовремено ќе треба да платат и отштета на жртвите од прислушувањето, кои веќе имаат добиено или ќе добијат судски пресуди во своја корист.

Да обвинетите беа прогласени за виновни, тие ќе беа обврзани да ја платат штетата. Сега, поради правните „дупки“ и политички контроверзните законски измени, целиот товар паѓа на државата, односно на граѓаните.

И додека јавноста бара одговорност, случајот „Таргет“ заврши во правен ќор-сокак. Судијата Енвер Беџети речиси девет месеци го држеше предметот во фиока пред Апелациониот суд да ја укине првостепената пресуда и да наложи ново судење. Кога предметот се врати во Кривичниот суд, процесот почна од почеток, но кратко потоа – беше утврдено дека делото е застарено.

Со тоа, наместо пресуди и одговорност за незаконското прислушување, јавноста остана со горчливо чувство на неказнивост, а државата со нова, скапа сметка за платење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни