Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека постои основано сомнение дека во раните утрински часови пред два дена можеби се случила саботажа во РЕК Битола, каде што Термоблокот 2 беше автоматски исклучен од електроенергетскиот систем.
„МВР го истражува случајот, што е нивна работа. На вработените во АД ЕСМ останува час поскоро да го оспособат блокот и да биде вратен во функција. Најважно е снабдувањето со електрична енергија да продолжи навремено за сите корисници“, изјави Мицкоски на отворањето на комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези.
Според него, во РЕК Битола се вложуваат „натчовечки напори“ во делот на дисциплината и ремонтните зафати.
„Во моментов, два блока се во ремонт, а третиот единствено работеше – бидејќи такви се моменталните потреби на пазарот“, рече премиерот.
Тој додаде дека Владата и АД ЕСМ не побарале зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули, што според него, било чест случај во времето на претходната влада.
„Продолжуваме да го оправаме сето она кое што уништено, распаднато и девастирано го затекнавме“, нагласи Мицкоски.
Според официјалното соопштение од АД ЕСМ, Термоблокот 2 се исклучил автоматски поради активирање на заштитниот систем, откако биле забележани опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување. Поради сомнение за евентуална саботажа, веднаш бил известен криминалистичкиот сектор при МВР, кој извршил увид на местото на настанот.
Истрагата е во тек, а од исходот ќе зависи понатамошната стабилизација на работата во РЕК Битола.