Македонија

Нотарите бараат зголемување на тарифите – „Заверката чини 100 денари и не е променета 27 години“

Нотарите бараат зголемување на тарифите – „Заверката чини 100 денари и не е променета 27 години“

Нотарската комора на Македонија денеска одржа прес-конференција на која побара зголемување на нотарските тарифи, со образложение дека истите не се изменети повеќе од 25 години, и покрај зголемените трошоци за работа и законските измени што влијаат на професијата.

„Неминовно е да има измени во дел од нотарската тарифа, од причина што зголемени се трошоците за работење. Како Комора сме во комуникација со Министерството за правда и Владата, со цел да се најде решение кое нема да го оптовари буџетот на граѓаните, но ќе обезбеди одржливост на нотарската професија“, изјави претседателот на Комората, Методија Ристоски.

Како пример, нотарите ја посочија услугата за едноставна заверка која чини 100 денари и која, како што истакнаа, не е променета од 1997 година.

Дополнително, нотарите укажаа на проблемот со измените во Законот за нотаријат од 2016 година, според кои адвокатите имаат задолжително учество во постапките пред нотар и добиваат 50% од нотарската награда, што значително го намалува приходот на нотарите.

Проблем, според Комората, претставува и измената на критериумите за бројот на нотари во одреден град. Наместо претходно пропишаниот сооднос од еден нотар на 20.000 жители, сега законски е овозможено „најмалку еден“, што според Комората доведува до пренаситеност. Како пример го наведуваат Куманово, каде наместо четири нотари, сега има 14.

Нотарите порачаа дека ќе продолжат да ги бараат потребните измени во тарифата, но со отворен дијалог со институциите и со цел да се најде баланс меѓу професионалните потреби и интересите на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни