Македонија

Нов предмет отворен по исказот на Манев за уништување на доказен материјал – не влијае на тековниот судски процес

Нов предмет отворен по исказот на Манев за уништување на доказен материјал – не влијае на тековниот судски процес

Обвинителката Ана Стајковиќ потврди дека е отворен нов предмет во врска со наводите изнесени од обвинетиот Велибор Манев, кој во својот завршен збор изјави дека ранецот со оружје – наводно користено при убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски – бил уништен. Сепак, таа истакна дека новата истрага не влијае врз тековната постапка.

„За сега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот“, изјави Стајковиќ.

Според исказот на Манев, лицето Зоран Давитков, по барање на главниот обвинет Љупчо Палевски – Палчо, го зел синиот ранец што Палевски секогаш го носел со себе. Во ранецот, според сомневањата, се наоѓале радио станиците „Моторола“ и огненото оружје со кое беа извршени двете убиства.

Давитков веќе дал исказ пред истражните органи, но засега не е познато дали признал што точно направил со ранецот – дали го уништил, сокрил или фрлил.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни