Македонија

Таравари ја потврди кандидатурата на Ваљбон Лимани за Гостивар: „Ќе биде новиот градоначалник“

Таравари ја потврди кандидатурата на Ваљбон Лимани за Гостивар: „Ќе биде новиот градоначалник“

Арбен Таравари, лидерот на крилото на Алијансата за Албанците, синоќа на собирот „Се среќаваме во Гостивар“ објави дека актуелниот вршител на должноста градоначалник на Гостивар, Ваљбон Лимани, ќе биде кандидат за нов мандат.

– Валбон Лимани не е само кандидат – тој ќе биде новиот градоначалник на Гостивар! – порача Таравари од Центарот за култура „АСНОМ“, испраќајќи јасна порака до, како што рече, сите што се обидуваат да ја попречат оваа одлука.

Таравари упати критики кон сопартијците Азир Алиу и Арбен Фетаи, кои останаа во владината коалиција, и ги повика да излезат на избори:
– Нека се кандидираат. Ако добијат над 1.000 гласови, јас ќе се повлечам од политиката – рече тој.

Во својот говор, Таравари оцени дека односите во владината коалиција се неповолни за Албанците во Македонија и најави дека Алијансата ќе стане клучен политички фактор.
– Албанците повеќе нема да бидат измеќари – истакна Таравари.

На собирот зборуваше и Ваљбон Лимани, кој рече дека напуштањето на владината коалиција ја направило Алијансата посилна:
– Време е политиката да се води од добри луѓе што работат за сите, а не само за себе. Ќе славиме во октомври, овде во Гостивар – рече Лимани.

Свој говор имаа и пратеникот Халил Снопче, претседателката на форумот на жени Елфете Изаири, претседателот на изборниот штаб Исак Љазами, организацискиот секретар Гадаф Узаири и генералниот секретар Блерант Рамадани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни