Нов скандал го тресе Министерството за внатрешни работи – СДСМ обвинува дека тендер вреден милиони денари за организирање возачки испити во Пелагонија бил доделен на новооснована фирма поврзана со функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, денеска на прес-конференција изјави дека лиценцата за вршење возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен ја добила фирмата „Супер Возач“, основана само три месеци пред распишувањето на тендерот. Според неа, зад фирмата стои Филип Митрески, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кичево, преку фирмата „Стрит Рајд“.
„Се поставува прашањето како однапред знаел дека ќе се распише тендер? Ова е моделот на партиски тендери по мерка на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Шукова.
Таа потсети дека ова не е прв сомнителен тендер во МВР, повикувајќи се и на претходниот случај со набавката на униформи. СДСМ побара Државната комисија за спречување на корупцијата и Обвинителството да отворат предмет.
„Граѓаните заслужуваат институции што работат за нив, не за партиските бизниси. Одговорност мора да има и ќе има“, порача Шукова.