По изјавата на СДСМ и Миле Талески за патната инфраструктура, од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со остра реакција, обвинувајќи ги за неработа и користење на туѓи проекти за политички маркетинг.
„Кога СДС зборува за патишта, првата асоцијација кај граѓаните се зурли, тапани и чочеци – токму она што го гледавме при отворањето на веќе изградената делница Демир Капија – Смоквица“, се вели во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потсетија и на автопатот Миладиновци – Штип, за кој велат дека бил целосно изграден, но СДСМ не го пуштала во употреба цели две години. Според нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денес работи интензивно на изградба и реализација на капитални проекти како експресните патишта Страцин – Крива Паланка, Градско – Дреново и делот кај Фаришката Клисура.
„Проектите не се сопственост на ниту една партија, тие се за граѓаните. Но само одговорна влада може посветено да ги реализира“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се најавува и изградба на експресна пруга Табановце – Гевгелија, како и продолжување со Коридорите 8 и 10Д.
„Времето на Македонија доаѓа“, порачаа од партијата.