Денес, генералните директори на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и г. Бранко Аџигогов , информираа за три значајни новини во работата на Фондот, кои директно го подобруваат пристапот и квалитетот на здравствените услуги за осигурените лица.
Два онколошки лекови префрлени од болничка во примарна позитивна листа
На позитивна А листа се вклучуваат два лека ароматаза инхибитори (letrozole, anastrazole). Овие два лека се употребуваат во третман на рак на дојка и го употрубаваат околу 2.500 лица. Двата лека досега се издаваа во Клиниката за онкологија и радиотерапија, отсега тоа ќе биде во апотеките, со рецепт. Промената е на барање и на пациентите и на Клиниката, за да се намали теретот и на пациентите и на клиниката.
Пациентите досега мораа да дојдат во клиниката во Скопје да го подигнат и само процесот во клиниката одзема 2-3 часа.
Од друга страна во клиниката тоа генерира пр. во 2023 г. 11.437 прегледи и тесни грла на најмалку 5 точки: 1. Шалтер за проверка на упат и осигурување 2. Амбуланта за препис на терапија 3. Шалтер за креирање на документација за ФЗОМ 4. Шалтер за издавање на терапија (дневна болница за таблетарна терапија) 5. Клиничка болничка аптека за подигање и евиденција на лекот.
Со мерката директно се придонесува кон подобрување на пристапноста и олеснување на третманот за онколошките пациенти, особено за жените со рак на дојка, и истовремено се растеретува Клиниката за онкологија и радиорапија од непотребна администрација.
Измени на Правилникот за медицинска рехабилитација – поддршка за хронично болни осигуреници
Со измената на член 12 од Правилникот за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, се проширува рокот во кој осигурените лица можат да ја остварат рехабилитацијата. Имено, на предлог на Националното здружение за поддршка на лица со мултипла склероза, како и здравствени установи и пациенти, осигурениците кои имаат право на рехабилитација врз основа на контролен преглед и специјалистички извештај, ќе можат да ја искористат рехабилитацијата во рок од 6 месеци од денот на издавање на решението, наместо досегашните 2 месеци.
Оваа промена е без финансиски импликации по Буџетот на Фондот, но е од особена важност за лица со хронични заболувања и бавен, прогресивен тек на болеста. Таа овозможува поголема флексибилност во времето на користење на услугата, според индивидуалните медицински потреби и состојбата на пациентите.
Станува збор за осигурени лица со следни дијагнози: мултипла склероза, церебрална парализа, плегии и парези, ревматоиден артрит, онколошки заболувања кај деца, хемофилија и други болести на крвта. Со оваа измена се демонстрира поголема грижа и чувствителност кон ранливите категории на пациенти.
Измени на Правилникот за ортопедски и други помагала – поголем опфат и современа поддршка
Третата важна новина се однесува на усвоените измени и дополнувања на Правилникот за индикации за ортопедски и други помагала, кои се резултат на директна комуникација Мобилност, здруженија на пациенти и професионални здруженија.
Измените имаат за цел да обезбедат поширок пристап до неопходни помагала за осигурените лица, како и воведување на нови, посовремени средства кои придонесуваат за подобрување на нивниот квалитет на живот.
Конкретно, со измените се предвидува:
- Вклучување на дијагнозата Б91 – Секвели од полиомиелит во индикациите за добивање инвалидска количка;
- Проширување на правото за дијагнози G11, G12 и Q05 (атаксија, спинална мускулна атрофија, спина бифида) за добивање специјализирана инвалидска количка;
- Вклучување на лица со дијагноза G12 за право на антидекубитално перниче;
- Воведување на ново ортопедско помагало – хидрауличен зглоб за колк (шифра 1317), за лицата со хемипелвектомија, достапен за сите возрасни категории.
Со овие измени, Фондот испраќа јасна порака дека останува отворен за соработка здруженијата на пациенти и дека континуирано работи на унапредување на правата и условите за здравствено осигурување, во интерес на секој поединец.