Македонија

Се огласи ќерката на прегазениот маж на кејот во Скопје: Дали ќе има крај на ова, до кога се прашуваме, до недоглед!!!

Се огласи ќерката на прегазениот маж на кејот во Скопје: Дали ќе има крај на ова, до кога се прашуваме, до недоглед!!!

Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера околу 19:30 часот на пешачката патека во близина на улицата „Ленинова“ во Скопје, кога моторцикл „Кавасаки“ со скопски регистарски ознаки удрил во пешакот Ј.Н. (68) од Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.

По ударот, мотоциклистот го напуштил местото на несреќата. Од силината на ударот, пешакот се здобил со тешки телесни повреди и бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде за жал подоцна им подлегнал на повредите.

Со повреди се здобил и сопатникот на моторот, Х.И. (26) од Скопје, кој е хоспитализиран во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.

Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на возачот кој побегнал по несреќата.

По објавувањето на трагичната вест, на социјалните мрежи се огласи и ќерката на загинатиот скопјанец, која сподели трогателна порака:

„Ми го прегазија татичко свирепо на пешачка зона на кеј, пред сопствениот прозор. Се зацрни уште една фамилија. Дали ќе има крај на ова, до кога се прашуваме, до недоглед!!! Дали е тоа место за возење на мотори!? Ќе ми фалиш бескрајно, еден дел од мене засекогаш згасна“, напиша таа, додавајќи дека семејството ќе бара правда за својот татко.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни