Македонија

Максим Димитриевски ќе се трка со другарот Мартин Костовски во Куманово

Максим Димитриевски ќе се трка со другарот Мартин Костовски во Куманово

Куманово повторно станува политичка арена каде ќе се судрат поранешни соработници – актуелниот градоначалник и лидер на движењето „ЗНАМ за наша Македонија“, Максим Димитриевски, и кандидатот на СДСМ, организацискиот секретар Мартин Костовски.

На претстојните локални избори, Димитриевски повторно ќе влезе во трка за градоначалничката функција, но овојпат како кандидат под капата на своето ново движење „ЗНАМ“.

Неодамна на прес конференција, претседавачот на Централниот одбор на ЗНАМ Игор Филков порача дека преговорите за настап на претстојните локални избори во рамки на коалицијата се во тек и оти со сигурност може да каже дека ќе имаат свој кандидат за Куманово – Максим Димитриевски кој е и актуелен градоначалник.

„Во моментот преговорите се во тек. Но она што можам да го повтврдам сигурно е дека ние ќе имаме кандидат во градот Куманово, тоа е нашиот претседател Максим Димитриевски. Ќе имаме најмалку едно градоначалничко место во општините во Град Скопје, но и други места ширум републиката за кои се уште траат преговорите“, рече Филков.

Од друга страна, негов противкандидат ќе биде човекот со кого до неодамна делел иста политичка визија и членство – Мартин Костовски, кандидат на СДСМ.

Пред да го напушти СДСМ и да формира свое политичко движење, Димитриевски беше дел од раководството на партијата и еден од нејзините најпознати локални функционери. Неговото заминување од партијата беше проследено со бројни несогласувања со тогашното раководство, а во меѓувреме движењето „ЗНАМ“ доби сериозна локална поддршка.

Сега, судбината ги носи двајцата поранешни другари во директен политички судир. Изборната трка ветува интересна кампања, а гласачите ќе имаат можност да одлучат помеѓу континуитетот на досегашното градско раководство и партиската визија на СДСМ.

Локалните избори ќе покажат дали Димитриевски ќе ја задржи довербата на кумановци или СДСМ ќе успее да го врати градоначалничкиот мандат преку Костовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни