По четири години пауза од јавни трансформации, познатата мејкап артистка од Велес, Андријана Андреева, се враќа на сцената со длабоко емотивен повод. Нејзината најнова креација не е инспирирана од мода или трендови, туку од трагедијата која ја потресе цела држава – пожарот во Кочани во кој загинаа неколку лица, меѓу кои и Андреј од популарното дуо ДНК.
Андреева ја претстави својата трансформација во ликот на Андреј, користејќи ја шминката како средство за почит, сеќавање и солидарност. Објавата, која за кратко време стана вирална, содржи и повик за хуманост:
„Прва трансформација после 4 години… Во спомен на Андреј од ДНК и сите загинати во пожарот во Кочани 💔💔💔 Да не ги заборавиме и да продолжиме да им помагаме на преживеаните преку @supportkocani ❤️“, напиша Андреева.
Нејзиниот гест ја потсети јавноста дека уметноста – и особено шминката како форма на визуелна експресија – може да биде моќна алатка за пренесување пораки со длабока човечка и општествена важност.