Вчера, на 62-годишна возраст, почина долгогодишната новинарка и радиоводителка Валентина Базерко – истакнато име на македонското новинарство, позната по нејзината посветеност, професионалност и автентичен радио израз.
Новинарската кариера Базерко ја започна во весникот „Млад борец“, а потоа се реализираше како една од најпрепознатливите гласови на Македонското радио, каде со децении работеше со страст, дисциплина и љубов кон зборот и слушателот. Таа не беше само новинар, туку и хроничар на времето, дописник од Тајван, репортерка од меѓународни конференции и глас кој не молчеше пред неправда.
Беше партизанска внука и ќерка, која ги носеше семејните вредности низ професионалниот пат – со достоинство, скромност и борбен дух, дури и тогаш кога животот не ѝ беше лесен. Новинарството беше нејзина мисија, а македонскиот јазик – нејзина љубов и грижа. Негуваше модерен, но јасен радио израз, прецизност во информацијата и искреност во пристапот.
Нејзината смрт остави длабока празнина меѓу колегите и пошироката новинарска заедница. Од неа се простуваат новинари од различни генерации и медиуми, со почит кон нејзиниот труд и со благодарност што беше пример на професионализам и човечност.