Македонија

40 организации бараат Охридскиот регион да се стави на листата на светски наследства во опасност

40 организации бараат Охридскиот регион да се стави на листата на светски наследства во опасност

Четириесет организации од Македонија, Албанија и неколку европски земји испратија заедничко писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со кое бараат Охридскиот Регион да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Повикот доаѓа во пресрет на 47. сесија на Комитетот, што започна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Во писмото се наведува дека единственото македонско природно и културно светско наследство е под сериозна и континуирана закана поради неодржлив урбан развој, градежни интервенции и недоволна заштита на критични подрачја како што е Студенчишкото Блато. Организациите ја повикуваат меѓународната заедница итно да интервенира преку впишување на Охридскиот Регион во Листата, како форма на зајакната заштита и аларм за надлежните институции.

Нацрт-одлуката на Комитетот веќе предвидува впишување во листата и содржи конкретни барања до македонските власти – итно стопирање на сите градежни активности во околината на Студенчишкото Блато и хотелскиот комплекс „Горица“, како и ревизија на предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата, согласно стандардите на ИУЦН и мисијата од 2024 година.

„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција и опасноста од неповратно губење на интегритетот и автентичноста на подрачјето, бараме Комитетот да ја усвои нацрт-одлуката и да го заштити Охридскиот Регион за сите идни генерации“, се наведува во писмото, потпишано од 17 македонски организации, 13 од Албанија, 9 од други европски земји и една регионална мрежа што обединува 15 членки.

Писмото е придружено со детален извештај на здружението „Фронт 21/42“, во кој е направена споредбена анализа за степенот на спроведување на препораките на УНЕСКО, проследена со визуелни симулации за тоа какви последици ќе имаат постојните урбанистички планови врз природната и културната целина на регионот.

Граѓанските организации потсетуваат дека ова е трет пат Комитетот да се изјаснува по ова прашање и апелираат овој пат да не се игнорираат експертските проценки и предупредувања. Според нив, претходните два случаи на одбивање само довеле до дополнителна деградација на вредностите на Охрид и неговата околина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни