Жителите на прилепското село Горно Оризари најавија мирен протест и блокада на регионалниот пат кон Прилеп, утре (среда), во периодот од 08:00 до 10:00 часот. Блокадата е најавена како израз на незадоволство поради, како што велат, долгогодишните проблеми со кои се соочуваат, а кои остануваат нерешени.
Според организаторите, протестот е уредно пријавен до надлежните институции, и ќе се одвива мирно и достоинствено, со цел да се привлече вниманието на јавноста и институциите кон секојдневните предизвици на жителите од овој регион.
„Тука луѓе живеат, тука луѓе работат за парче леб со кој ги гледаат своите фамилии“, порачуваат жителите, надевајќи се дека нивниот глас конечно ќе биде слушнат и дека ќе се најде соодветно решение.
Се апелира до сите граѓани кои утре планираат да патуваат кон Прилеп во утринските часови да го имаат предвид најавениот протест и евентуалното доцнење, и да планираат алтернативна маршрута доколку е возможно.
„Ве известуваме дека на ден 09.07.2025 година во периодот од 08:00 часот до 10:00 часот ќе одржиме мирен протест со блокада на улицата 8-ми Септември, кај стадионот во Горно Оризари, поради изведување на градежни работи на патот со кои трајно се оневозможува функционирањето на деловната дејност на засегнатите. Организаторот се обврзува да ги преземе сите потребни дејствија за непречено организирање и одвивање на настанот, како и за спречување на настанување на штета на трети лица“, се вели во соопштението.