Во текот на месец јуни, до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е пријавена епидемија на алиментарна токсоинфекција предизвикана од Salmonella enteritidis, се наведува во најновиот месечен билтен за заразни заболувања.
Центарот за јавно здравје Прилеп пријавил 38 случаи на заболени лица кои консумирале иста храна во фабрика во градот. Тројца од заболените биле хоспитализирани. Од пет земени примероци за микробиолошко испитување, кај две лица е изолирана Salmonella enteritidis.
Во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ЦЈЗ Прилеп спровел санитарно-хигиенска контрола во кујната на добавувачот на храна и во трпезарискиот дел на фабриката. Притоа се земени мостри од жива и нежива средина за микробиолошка анализа.
ЦЈЗ Прилеп предложил соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, меѓу кои редовно одржување хигиена, правилна манипулација и складирање на храна. Објектот за приготвување храна бил затворен сè до добивање на негативни резултати од земените мостри.
Епидемијата била официјално одјавена на 11 јуни, по спроведување на сите неопходни епидемиолошки мерки.
Дополнително, во истиот месец е пријавен и еден случај на салмонелоза кај странски државјанин од Србија, кој привремено престојувал во земјава.