Македонија

Хеликоптерот на МВР повлечен од гаснењето на пожарот кај Визбегово поради силен ветер и густ чад

Хеликоптерот на МВР повлечен од гаснењето на пожарот кај Визбегово поради силен ветер и густ чад

Хеликоптерот „Агуста Бел 212“ на Министерството за внатрешни работи, кој беше ангажиран во гаснењето на пожарот на отпадот кај Визбегово, е повлечен од терен поради влошени услови – силен ветер и густ чад.

„Хеликоптерот беше упатен за помош во гаснењето на пожарот во Визбегово. Беа извршени неколку фрлања на вода, но поради засилениот ветер и густиот чад, за сега е повлечен во базата“, информираа од МВР.

Во акцијата за гаснење се вклучени и други сили – еден авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипи на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје и возила на „Комунална хигиена“.

Пожарот избувна утрово во 09:16 часот и зафати отпад со стари хаварисани возила, на кои имало и плински уреди. Поради тоа, периодично се слушаа детонации на теренот.

Според информациите од МВР, едно лице е повредено и пренесено на лекарска помош. Приведен е сопственикот на отпадот поради непочитување на наредба од службено лице. Се преземаат мерки за целосно локализирање на пожарот и расчистување на случајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни