Македонија

Чибишев: Кога горат депонии се ослободуваат тешки метали кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето

Чибишев: Кога горат депонии се ослободуваат тешки метали кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето

Има зголемен број пациенти кои побарале медицинска помош поради учество во гаснење на пожарите во и околу Скопје. Дел од нив се во интензивна нега, а дел се пуштени дома, но со предупредување – здравјето им е сериозно нарушено од вдишување токсични гасови.

Проф. д-р Андон Чибишев во изјава за Телма апелира граѓаните да не користат мокри крпи и маици за заштита при изложеност на чад.

„Затоа апелирам тие што учествуваат секоја чест, јас им се поклонувам. Но, барем некаква заштита да користат. Не им помагаат намокрените крпи што ги ставаат, затоа што јаглеродниот моноксид не се раствара во вода и тој проаѓа низ крпата. Некаква маска нека носат, N95, но и таа многу нема да ги заштити. Но, колку толку ќе ги заштити од директна изложеност на отровните гасови и при тоа не само иритација, туку и оштетување на површниот слој на слузокожата на горните респираторни патишта и паѓање на имунитетот“, изјави проф. д-р Чибишев, директор на Универзитетска клиника за токсикологија.

Тој нагласува дека особено загрижува несериозниот пристап на граѓаните кои се физички активни на отворено и спортуваат во загадена средина, без да се свесни што вдишуваат.

Дополнителен ризик, според него, претставуваат запалените диви депонии, кои не само што предизвикуваат густ чад, туку и испуштаат коктел од опасни хемикалии: сулфур диоксид, азотни оксиди, цијанводород и тешки метали.

„Кога горат депониите покрај јаглеродниот моноксид и јаглеродниот диоксид се ослободуваат и сулфур диоксид, азотни оксиди, цијанводород и најопасно тешки метали, кои што и на краток и на долг временски период може да предизвикаат многу сериозни нарушувања на здравјето кај деца и млади во развој. Може да предизвикаат сериозни ментални нарушувања, тешките метали навлезени во организмот многу тешко се елиминираат и долг живот на распаѓање“, предупредува Чибишев.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни