Беспилотен летачки објект направен од иверица и пена влезе во литванскиот воздушен простор од Белорусија и се урна на околу еден километар од границата, информираа денес литванските власти. По првичната проценка, дронот не претставува никаква опасност.
Поради инцидентот, премиерот на Литванија, Гинтаутас Палукас, и претседателот на парламентот, Саулијус Скверналис, биле накратко евакуирани во засолништа, соопштија нивните портпароли.
Авиони на НАТО за контрола на воздушниот простор на Балтикот биле испратени кон областа, но биле повлечени откако дронот паднал. Портпаролот на литванските вооружени сили, Гинтаутас Циунис, на прес-конференција изјави дека објектот не е закана, но неговата намена сè уште не е позната.
Министерството за одбрана на Литванија соопшти дека дронот изгледа како рачно изработен. Се спроведува истрага за да се утврди потеклото и целта на објектот.
Овој случај доаѓа по сличен инцидент од минатата година, кога руски воен дрон со експлозив се урна во Латвија, на околу 90 километри од границата со Белорусија.