Министерството за надворешни работи на Бугарија остро реагираше на, како што ги оцени, „навредливите, неприфатливи и непријателски“ изјави од македонски политички претставници, откако амбасадорот на Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, беше повикан на разговор во македонското МНР.
Повод за дипломатскиот судир е обраќањето на бугарскиот пратеник Георг Георгиев во кое го нарече премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, „северномакедонски премиер“ – што беше оценето како навреда и провокација од страна на македонските власти.
Во својата реакција, бугарското Министерство за надворешни работи посочи дека амбасадорот Радуков бил изненаден од повикувањето, особено имајќи ги предвид, како што велат, „непријателските постапки и пораки“ од македонски претставници во последните месеци. Тие нагласија дека во јавниот дискурс во Македонија се покажува „систематски недостаток на почит кон Бугарија“.
Од Софија го оценија како неприфатливо тоа што, според нив, земја која „несебично помага“, вклучително и со ангажирање пожарникари во гасење пожари во Крива Паланка, е нарекувана „непријателска“.
Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија возвратија со остро соопштение во кое се осудуваат, како што наведуваат, навредливите и недолични изјави на бугарскиот министер Георг Георгиев, дадени во гостување на бугарската телевизија БТВ. Во изјавата, Георгиев посочи дека Мицкоски води „кризен пи-ар“ и ги излажал сопствените граѓани, истовремено истакнувајќи дека со отстранувањето на референците за македонскиот јазик и идентитет од извештајот на Европскиот парламент, „успеале да спречат тој да биде злоупотребен за домашна пропаганда“.
Македонското МНР го повика бугарскиот амбасадор на разговор, при што му беше врачена официјална нота на протест. Од таму потенцираат дека користењето на навредлив речник и омаловажување на претставници на суверена држава е спротивно на меѓународното право и не придонесува за добрососедски односи, туку само го поткопува дијалогот и довербата меѓу двете земји.