Новата инвестиција на турската компанија „Чагатај Кабло“ претставува уште еден силен темел на економската доверба и е јасен сигнал дека кога институциите работат посветено – резултатите се неминовни. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешното поставување камен-темелник на новата фабрика на компанијата во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Скопје.
„Ова се показатели што го зборуваат најважното – дека државата е стабилна, економијата е активна и иднината се гради денес. Свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, но токму затоа секојдневно вложуваме напори за конкретни и видливи промени. Се бориме за секое ново вработување, за секоја инвестиција и секоја шанса што носи стабилност“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата не чека инвестиции, туку активно ги бара и поддржува, создавајќи средина во која инвеститорите се добредојдени и поддржани од институциите.
„Нашата цел е Македонија да стане земја на можности – каде трудот се вреднува, инвестицијата има смисла, а институциите не се пречка, туку партнер на бизнисот“, нагласи премиерот.
Мицкоски истакна и низа позитивни економски показатели:
Раст на БДП од 3,2% во првиот квартал од 2025 година
Странски директни инвестиции во 2024 достигнале 1,255 милијарди евра
Извозот во првите пет месеци од 2025 е зголемен за 3,15%
Индустриското производство во мај пораснало за 9,4%
Трговскиот дефицит е намален за 80 милиони долари во април и мај
Со новата фабрика на „Чагатај Кабло“, ќе се отворат дополнителни 200 работни места, со што вкупниот број на вработени во оваа компанија во Македонија ќе достигне 500 лица. Инвестицијата е проценета на околу шест милиони евра.
Овој чекор, според премиерот, е добар пример за тоа како се гради економски раст не со зборови, туку со реални проекти, а придобивките ги чувствуваат и локалната заедница и националната економија.