Македонија

Архиепископот Стефан го хиротониса митрополитот Георгиј во „Света Софија“

Архиепископот Стефан го хиротониса митрополитот Георгиј во „Света Софија“

Архимандритот Георгиј денеска и официјално стана нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, на свечена Божествена литургија која се одржа во соборниот храм „Света Софија“ во Охрид. Со чинот на хиротонија и устоличување чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ–ОА.

Во своето прво обраќање како митрополит, Георгиј се завети дека ќе ја извршува својата пастирска служба во согласност со каноните на црквата, со совесност и љубов, служејќи на вистината и правдата.

„Се заколнувам со живиот Бог дека нема да бидам мрзлив во делата Божји, туку ќе работам со сите мои сили,“ изјави митрополитот Георгиј.

Архиепископот Стефан истакна дека црквата денес добила архиереј достоен на своите претци, кој ќе го продолжи нивниот светол пат и ќе биде духовен водач на народот, „жртва светаденица“ која себе си ја принесува за другите.

Митрополитот Георгиј доаѓа на местото на покојниот митрополит Тимотеј, кој почина во ноември минатата година по кратко боледување. Тој беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција.

Инаку, Отец Георгиј, во световниот живот познат како професор Ѓоко Ѓорѓевски, поранешен декан на Богословскиот факултет, се замонаши на 27 мај, наредниот ден беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.

Пред неговиот избор беа организирани мирни собири во неколку градови во земјава, на кои верници бараа епископот Антаниски Партениј да биде предложен за митрополит на оваа епархија. Сепак, изборот падна на Георгиј, кој сега стапува на чело на една од најстарите епархии во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни