Македонија

Мицкоски: Автопатот кон Охрид со години беше симбол на застој – сега ќе биде симбол на успех и одговорна работа

Мицкоски: Автопатот кон Охрид со години беше симбол на застој – сега ќе биде симбол на успех и одговорна работа

„Денес сведочиме на нешто што за многумина веќе делуваше невозможно. Ова не е само пуштање во употреба на автопатска делница, туку момент на враќање на вербата, доказ дека кога ќе се преземе одговорност со чиста совест и искрена намера, промените се случуваат“, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченото пуштање на делницата Пресека – Песочани од автопатот Кичево – Охрид.

Тој истакна дека за само една година од преземањето на власта, е деблокиран еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во земјава. „Овој автопат беше симбол на застојот, на срамната слика за држава што тапка во место. Денес, тој е симбол на новото време“, рече Мицкоски.

Во изминатите седум години, како што рече, граѓаните се соочувале со чекање, ветувања без дела, нерешени имотноправни односи, нефункционални институции и бесцелно трошење пари. „Но денес покажуваме што значи вистинска работа – со дела, не со зборови“, нагласи премиерот.

Премиерот најави дека веќе следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен, а паралелно се работи и на други клучни проекти:

Дел од експресниот пат Градско – Прилеп (Градско – Дреново), вреден 37,4 милиони евра;

Експресниот пат Дреново – Фариш, со значајни подобрувања на патувањето и безбедноста;

Делницата Ранковце – Крива Паланка (Страцин), долга 26 км и вредна речиси 98 милиони евра;

Целосна реконструкција на патот Охрид – Свети Наум, вредна 12 милиони евра.

Мицкоски посочи и дека се работи на делницата Гостивар – Букојчани, дел од Коридорот 8, која претходно била запоставена, а сега активно се гради.

„Ова не се само бројки. Ова се животи на луѓе што ќе патуваат побрзо и побезбедно. Ова се деца што ќе дојдат поблиску до образованието, пациенти поблиску до здравството, земјоделци поблиску до пазарите. Ова се патишта на надеж“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека денес граѓаните гледаат разликата меѓу политика што гради и политика што бара изговори, меѓу функционален и нефункционален систем.

„Градиме не само со бетон и асфалт, туку и со чесност, со посветеност, со почит кон секој граѓанин што плаќа даноци и очекува развој“, истакна премиерот.

Според него, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалициите Вреди, Влен и ЗНАМ, ја враќа надежта и ја движи Македонија напред.

„Ние не ветуваме многу. Но она што го ветуваме – го испорачуваме. Затоа, чекор по чекор, километар по километар, ја менуваме државата“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски, посакувајќи среќно користење на новоотворената делница.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни