Аки Акиов, советник во Советот на Општина Кочани од Партијата за демократски просперитет на Ромите, денеска на седница јавно ѝ се извини на вработената во општината која беше погодена во глава со пластично шише за време на претходната седница на 19 јуни.
„Сакам јавно и недвосмислено да ѝ се извинам на вработената во Општина Кочани, поради тоа што во момент на афект и под силен притисок на груби навреди, ненамерно фрлив пластично шише. Таа не беше цел и не заслужуваше да се најде во таа ситуација. Од срце изразувам жалење и извинување“, изјави Акиов пред членовите на Советот и јавноста.
Инцидентот се случи за време на вербална расправија меѓу Акиов и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов. Според сведоци, по дофрлања и навреди, Акиов тргнал физички кон Алексов, но потоа фрлил шише кое случајно ја погодило службеничката што се наоѓала меѓу двајцата.
„Сакам да истакнам дека тој ден бев повеќекратно провоциран, и како личност и како припадник на ромската заедница“, додаде Акиов.
Настанот предизвика бројни реакции во јавноста и осуди за насилно однесување во институции, по што беше најавено дека инцидентот ќе се разгледа и во институционална постапка. Засега не е познато дали против советникот ќе бидат поведени и дисциплински или кривични мерки.