Македонија

Коцевски: Нема политички влијанија врз обвинителството, борбата против високата корупција продолжува

Коцевски: Нема политички влијанија врз обвинителството, борбата против високата корупција продолжува

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека врз неговата работа нема политичко влијание, нагласувајќи дека Европската комисија во најновиот извештај објективно и реално ја оценила состојбата во правосудството. Според него, постои напредок во транспарентноста и ажурирањето на предметите за висока корупција, но предизвиците остануваат – како недоволниот буџет и недостигот од кадар во обвинителството.

„Комисијата правилно ги проценила работите. Во последниот период навистина се зголеми транспарентноста, а предметите за висока корупција добија приоритет. Работиме посветено, но средствата и човечките ресурси не се доволни“, рече Коцевски пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители.

Тој истакна дека веќе две години не се одобруваат нови вработувања, иако обвинителството функционира со само една третина од потребниот кадар. „Барав само 100 нови вработувања на ниво на цела држава, но ниту еднаш не беше одобрено тоа“, додаде тој.

Во врска со предметите за дивоградбите, Коцевски информираше дека се водат истраги и предистраги во неколку случаи низ државата, вклучително и за случаите во Општина Чаир. „Обвинителството постапува и по најновите пријави, а сите нови поднесоци ќе се процесираат веднаш“, рече Коцевски, дополнувајќи дека вчера судот, по жалба на обвинителството, одобрил притвор за еден од осомничените.

Во однос на истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани, обвинителот посочи дека постапката најверојатно нема да биде раздвоена, бидејќи станува збор за единствен кривично-правен настан. „Иако има повеќе обвинети, од досегашното искуство со слични случаи веруваме дека предметот може да се води во една постапка“, изјави тој.

Тој најави и дека во почетокот на септември се очекува завршување на истрагата во одделно отворен предмет за полициски службеници поврзани со случајот, кој се води во Одделот за гонење на организиран криминал.

На денешната 27. седница на Советот на јавни обвинители, беа избрани двајца нови обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни