Четири месеци по најголемата трагедија во поновата историја на Република Северна Македонија, семејствата на трагично загинатите деца од пожарот во дискотеката „Пулс“ најавуваат одржување на петнаесетиот „Марш на ангелите“ – симболичен чин на болка, достоинство и континуирана борба за правда.
Маршот ќе се одржи во сабота, на 19 јули, со почеток во 18:05 часот – време што, како што посочуваат организаторите, „симболично ја претставува доцната и, за жал, фатална институционална реакција“.
„Ве повикуваме со отворено срце да ни се придружите – да маршираме заедно во тишина, тишина која симболизира гласно потсетување дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – ниту за едно дете, ниту за една мајка“, велат во соопштението родителите на жртвите.
Настанот ќе се одвива во знак на тивка почит, но и како апел до институциите – да се изведат пред лицето на правдата сите одговорни, и да се преземат конкретни чекори за да се спречат идни трагедии од ваков размер.