Македонија

Македонија и Бугарија ќе го градат заедно тунелот Ѓуешево – Деве Баир

Македонија и Бугарија ќе го градат заедно тунелот Ѓуешево – Деве Баир

Во Брисел се одржа висок состанок посветен на напредокот на изградбата на железничкиот Коридор 8, со фокус на прекуграничната делница меѓу Македонија и Бугарија. На состанокот присуствуваа државниот секретар на македонското Министерство за транспорт и врски, Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура во Европскиот парламент, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт на Бугарија, Љубен Нанов, како и директорката за Западен Балкан во Директоратот за проширување на ЕУ, Валентина Суперти, која беше и организатор на состанокот.

Како што информира македонското Министерство за транспорт, состанокот се одржа во позитивна и конструктивна атмосфера и претставуваше продолжение на разговорите започнати во октомври 2024 година. Учесниците ја потврдија заложбата за забрзување на активностите за комплетирање на железничкиот Коридор 8, кој претставува стратешка инфраструктурна врска меѓу Македонија и Бугарија.

На состанокот се разговараше за постигнатиот напредок во последните месеци и беше договорено обновување на напорите за подготовка на техничката документација и распишување тендери за прекуграничните делници. Посебно внимание беше посветено на завршувањето на железничката делница меѓу Крива Паланка и влезот во прекуграничниот тунел, за што се очекува повторно отворање на тендерот до крајот на 2025 година.

Двете страни се согласија и за формирање заеднички работни групи кои до крајот на јули треба да го финализираат текстот на меѓувладиниот договор за изградба на тунелот Ѓуешево – Деве Баир. Овој договор ќе ги дефинира техничките, финансиските, градежните и оперативните обврски на двете држави.

Според Министерството за транспорт, напредокот на овој проект е од клучно значење за регионалната поврзаност, економскиот развој и приближување кон европските инфраструктурни стандарди.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни