Попладнево изби голем пожар во отпад за автомобили на улицата „Индустриска“ во Куманово, потврдија од Територијалната противпожарна единица на градот. На терен интервенирале три противпожарни возила, а огнот бил видлив од поголема оддалеченост и од повисоките делови на Куманово.
„Во моментов, пожарот е ставен под контрола. На терен сме со две екипи и две возила. Пожарот е локализиран и наскоро ќе биде целосно изгаснат. Горат каросерии од стари возила, а огнот се прошири и на сува трева во околината“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Ова не е прв пожар на истата локација. На 23 јуни годинава, повторно избувна пожар, при што беа ангажирани пет возила за гаснење, а жителите се жалеа на густа и неподнослива миризба.
Причините за денешниот пожар засега не се познати, а надлежните апелираат за внимателност и почитување на прописите за складирање отпад.