Гори брод во Охридско езеро, во тек е евакуација. Ова е сценариото од вежбата која денеска се спроведе на Охридското езеро.
На лице место се полициски возила и противпожарна.
Пожарот на кој се интервенираше на бродот беше недалеку од пристаништето.
„На ден 26.07.2025 година, во периодот од 17:30 до 19:00 часот, на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во Охрид, во организација на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, во рамки на караванот „До вас, за вас“, се одржа симулациска вежба на тема: „Пожар на пловен објект во Охридско Езеро“.
Во вежбата активно учество зема Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Секторот за 112 и Секторот за операции и координација. Секторот 112 ја прими пријавата за настанот, по што следеше координирана комуникација со сите инволвирани субјекти во Системот за управување со кризи, преку Секторот за операции и координација.
Покрај ЦУК, во симулацијата активно беа вклучени и:
• Капетанијата на пристаништата,
• Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид,
• Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид,
• Дирекцијата за заштита и спасување,
• Црвениот крст на Охрид,
• Итната медицинска помош Охрид.
Оваа симулациска вежба е уште еден значаен чекор во зајакнувањето на интеринституционалната соработка и зголемување на подготвеноста за справување со кризни ситуации во заедницата“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На плоштадот беше презентирана и нова опрема. На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Напомена: Оваа вест е корегирана веднаш по објавувањето.