Славјанка Петровска ги отфрли толкувањата дека нејзиното повлекување од трката за претседател на СДСМ било обид да ѝ наштети на партијата, нагласувајќи дека нејзините постапки, како и актуелните барања за промени, имаат за цел подобрување на состојбите во организацијата.
Во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска истакна дека нејзиното незадоволство произлегува од системските проблеми во партијата и од неисполнувањето на ветувањата за реформи.
„Ниту тогаш моите постапки, ниту во меѓувреме, ниту пак денес тоа што го правам, не се за да ѝ наштетам на партијата, напротив. Тоа е само за да ги подобрам состојбите и да ѝ помогнеме на СДСМ да се врати на вистинскиот пат“, порача таа.
Петровска се осврна и на тврдењата дека со повлекувањето му овозможила на Венко Филипче полесно да ја преземе контролата врз партијата. Таа одговори дека и на терен се соочувала со сериозни проблеми за време на внатрепартиската трка.
Според неа, како што растела поддршката за неа, така се зголемувале и манипулациите и притисоците врз гласачите, при што, како што наведе, ситуацијата не ги засегнала само нејзините поддржувачи, туку и другите кандидати.
Петровска порача дека суштината на нејзиниот ангажман не е личната борба за функција, туку потребата од промени во начинот на кој функционира СДСМ.
Нејзините критики укажуваат дека внатрепартискиот спор не се однесува само на поединечни функции, туку и на поширокото прашање за идниот правец, организацијата и демократските процеси во партијата.