Борбата со големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“ продолжува и денеска. Во текот на ноќта огнот се доближи до шумскиот пат кој води од влезната капија до ресторанот на Козјак, но благодарение на претходно расчистениот терен не беше дозволено негово ширење, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во ноќната акција биле вклучени припадници на Единицата за брзо распоредување со пинцгауери, вработени од ловиштето „Јасен“, пожарникари од Скопје и Македонски Брод, како и екипи на ДЗС, кои успеале да го задржат пожарот на патот.
Утрото започна ризична операција за создавање нов противпожарен појас на стрмниот гребен кон езерото, со цел целосно запирање на огнот. И покрај густиот чад, од раните часови дејствуваат полициски и армиски хеликоптер, а по расчистување на видливоста ќе се вклучи и авион „ер трактор“.
На терен се распоредени и специјалци од единиците „Волци“ и „Тигри“, главно алпинисти, кои работат во екстремно опасни услови за да спречат ширење на огнената стихија.
Во државата се регистрирани уште неколку пожари, но тие се сметаат за безопасни бидејќи зафатиле трева и ниска вегетација.