Родителите и семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ денеска го одржаа 20. Марш на ангелите, пред зградата на Полициската станица во Кочани. Тие порачаа дека нивните деца загинале поради пропусти на системот и поради заштитници и соучесници во униформа.
Семејствата побараа транспарентна истрага и одговор од Основното јавно обвинителство за Кочани (ОЈО ГОКК) за постапката против вработените во МВР, за кои велат дека „се сè уште на слобода и не добиле соодветен третман за своите постапки“.
Маршот почна во 17:05 часот во Паркот на револцијата, а учесниците се движеле низ Трговскиот центар, зградата на Општина Кочани, Полициската станица и завршиле пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство.
Пред судот и обвинителството, родителите истакнаа дека оваа борба е за сите деца во земјата. „Без независен и некорумпиран судски систем и без политичка одговорност, вакви трагедии ќе се повторуваат. Нашите деца ги нема, но Вие имате обврска да ја истерате правдата“, порачаа тие.
Маршот се одвиваше под влијание на силен ветер, но семејствата останаа решени да ја побараат правдата за загинатите млади.