Македонија

Тројца победници во машка конкуренција на 38. Охридски пливачки маратон

Тројца победници во машка конкуренција на 38. Охридски пливачки маратон

Италијанските пливачи Матео Фурлан и Федерико Тамборино, заедно со Аргентинецот Матијас Диас Хернандес, се прогласени за победници во машка конкуренција, а Аргентинката Мајте Ајлен Пука во женска конкуренција на 38. Охридски пливачки маратон, кој денеска се одржа во Охридското Езеро.

Поради силен ветер и бранови, трката не можеше да се одвива по предвидената патека и учесниците не стигнаа до целта на Градското пристаниште. По околу четири и пол часа пливање, во 14:30 часот маратонот беше прекинат од безбедносни причини.

Во моментот на прекинот, на првото место во машка конкуренција израмнето беа Фурлан, Тамборино и Диас Хернандес, па според правилата тројцата беа прогласени за победници. Четврто место освои Италијанецот Марко Инглима, петти беше македонскиот претставник Петар Цеков, а зад него се пласираа Хуго Риберо од Португалија, Александар Илиевски од Македонија, Акилјес Балудо од Аргентина и Леонид Мишевски од Македонија. Македонскиот маратонец Лазар Поп Трајков ја прекина трката во нејзината рана фаза.

Кај жените, зад победничката Мајте Ајлен Пука, второ место освои Аргентинката Ерика Јенсен, а трета заврши Милица Љубисављевиќ од Србија. Македонската пливачка Росана Гошева го освои четвртото место, пред Елена Лоенело од Италија и Алисја Гедриш од Полска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни