Левица обвинува дека тврдењата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за „раст на реалната плата“ и „стабилизирана инфлација“ се политичка манипулација и не ја одразуваат економската реалност во која живеат над половина милион работници во земјава.
Од партијата посочуваат дека според официјалните податоци за мај 2025 година, од вкупно 509.960 исплатени плати, дури 374.045 работници или 73,3% земаат плата под просечната. Притоа, 169.082 граѓани или 33,1% преживуваат со месечен приход под 30.000 денари – износ кој е двојно понизок од синдикалната минимална кошница, која во август достигна 65.507 денари.
„Ако растот на реалната плата е толку висок, како е можно една третина од работниците да се под прагот на сиромаштија? Овој парадокс ја разобличува суштината и го истакнува фактот дека растот на реалната плата во статистиките на ДПМНЕ не го чувствуваат мнозинството граѓани“, наведуваат од Левица.
Партијата ја критикува и тезата за просечна инфлација од 3,6% во периодот јули 2024 – јули 2025, оценувајќи ја како „вештачки измазнета бројка“ која ги прикрива реалните поскапувања на храната, енергенсите и кириите, што во последните пет години се зголемени за 30-40%.
Како итни мерки, Левица бара зголемување на минималната плата на 500 евра, контрола на цените на основните продукти, унапредување на социјалните механизми за заштита, транспарентност во монетарната и фискалната политика и воведување на прогресивен и фер даночен систем.
„Економската политика на ДПМНЕ е политика на одбрана на привилегиите на малцинството наспроти интересите на мнозинството“, порачуваат од партијата.