Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на изјавите на владините претставници дека „една година не е доволна за уставните измени“, оценувајќи дека тоа е доказ за недостаток на политичка волја и за неуспех на Владата да ја води државата кон европска интеграција и почитување на Охридскиот мировен договор.
„Од првиот ден на мандатот оваа влада, покрај блокирањето на европската перспектива, ги напаѓа темелите на еднаквоста и Охридскиот договор“, наведуваат од ДУИ, посочувајќи неколку примери: укинување на балансерот за правична застапеност, доверување на имплементацијата на Охридската рамковна спогодба на личности со антиалбански ставови, бришење на дијаспората од политичкото претставување и намалување на бројот на Албанците во статистиките, како и непочитување на службената употреба на албанскиот јазик.
ДУИ дополнително предупредува дека Владата отвора нови фронтови против механизмите на еднаквост како Бадентеровото мнозинство, кое, според нив, е еден од најсилните уставни столбови за меѓуетничка стабилност и заштита од мајоризација. „Секој обид за релативизирање или преиспитување на Бадентер е обид за враќање на државата назад во исклучување и дискриминација,“ се наведува во соопштението.
Според партијата, денес се шират „опасни идеи“ кои се темелат на уверувањето дека мултиетничките држави не функционираат и дека треба да се градат етнички држави, што се манифестира преку ударите врз Охридскиот договор и блокирањето на европскиот пат.
„ДУИ останува политичка сила која го бранеше и ќе го брани Охридскиот мировен договор, евроатлантскиот курс на државата и достоинството на граѓаните. Албанците нема да дозволат враќање во неправда и исклучување. Октомври е близу, а народот ќе зборува гласно. Часот на политичка и правна одговорност се приближува. Охридскиот мировен договор не се допира, еднаквоста не се преговара,“ порачуваат од партијата.