Македонија

ЗНМ и ССНМ бараат итна истрага за прислушуваните новинари и ги повикаа политичарите да не ги злоупотребуваат нивните имиња

ЗНМ и ССНМ бараат итна истрага за прислушуваните новинари и ги повикаа политичарите да не ги злоупотребуваат нивните имиња

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) денеска изразија сериозна загриженост поради информациите за можно незаконско следење на новинари во периодот од 2019 до 2024 година и побараа итна и транспарентна истрага од Јавното обвинителство.

Двете новинарски организации ги повикаа надлежните органи да дејствуваат без одлагање со цел да се заштити слободата на медиумите и да се обезбеди правна сигурност за сите медиумски работници во земјата.

„Секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите“, се вели во заедничкото соопштение.

ЗНМ и ССНМ упатија и остар апел до политичките партии и носителите на јавни функции да престанат да користат новинарски имиња во нивните меѓусебни пресметки. „Бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки во кои користат новинарски имиња, бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите“, порачуваат здруженијата.

Тие потсетија и на скандалот со масовното прислушување од 2015 година, кој ниту десет години подоцна нема добиено соодветна судска разрешница, а новинарите кои беа жртви сè уште ја чекаат правдата. „Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија“, нагласуваат од ЗНМ и ССНМ.

Новинарските здруженија најавија дека се подготвени да обезбедат правна помош за сите евентуално оштетени новинари и дека за развојот на случајот ќе ја информираат и Европската федерација на новинари (EFJ).

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни