Македонија

ПРОТЕСТ ПРЕД МНР: „Не во наше име“ – граѓани побараа Македонија да го поддржи правото на Палестина на самоопределување

ПРОТЕСТ ПРЕД МНР: „Не во наше име“ – граѓани побараа Македонија да го поддржи правото на Палестина на самоопределување

Под слоганот „Не во наше име“, граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“ вчера одржа протест пред Министерството за надворешни работи, барајќи од Владата да ја промени својата надворешна политика и да престане да гласа против правото на самоопределување на палестинскиот народ во Обединетите нации.

Говорниците на протестот оценија дека надворешната политика на државата е противречна, потсетувајќи дека и самата Македонија во минатото добила меѓународна поддршка за својата независност, а денес е меѓу малкуте земји што не ја признаваат Палестина.

„Со тоа, индиректно го поддржува геноцидот кој се одвива во Газа. Повикуваме на хуманост, емпатија и солидарност, а предупредуваме и дека молкот на властите пред бизнис интересите е соучесништво во злосторство“, посочија од иницијативата.

Организаторите до Владата доставија и листа со конкретни барања, меѓу кои се издвојуваат: Гласање „за“ Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и за полноправно членство и хуманитарна помош.

Осуда на геноцидот во Газа преку официјален став на државата. Воведување санкции против Израел и прекин на трговските односи, за кои тврдат дека „директно финансираат воени злосторства“. Според нив, во периодот 2021-2023, Македонија имала трговски дефицит со Израел од речиси 20 милиони евра. Прекин на академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен Гурион“.

„Македонската влада не ги застапува интересите на народот, ниту вредностите со кои се кити на меѓународната сцена. Народот секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманоста и мирот – затоа бараме Македонија да застане на вистинската страна на историјата“, порачаа организаторите, повикувајќи на континуиран притисок врз институциите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни