Лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, денеска побара итна и координирана реакција од институциите за справување со последиците од пожарот во фабриката за рециклирање во Трубарево, нудејќи конкретен кризен план за заштита на здравјето на граѓаните. Тој порача дека наместо политички спинови, на луѓето им требаат одговори и решенија.
„Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Одговорноста не завршува со гаснење на пожарот, туку дури тогаш почнува“, изјави Филипче.
Во неговиот план, тој како прв чекор побара да се организираат итни медицински прегледи за сите жители во околината на Трубарево, како и да се обезбеди психолошка поддршка за населението и за пожарникарите кои учествуваа во интервенцијата.
Во делот на заштитата на животната средина, Филипче побара итно проширување на воспоставената безбедносна зона од 400 метри на периметар од 500 до 2.000 метри, во кој би се воспоставиле јасни протоколи, вклучително и затворање на училишта, дистрибуција на маски и ограничување на движењето. Тој инсистира и на поставување мобилни мерни станици и лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата за присуство на диоксини, тешки метали и други токсични материи, чии резултати мора да бидат јавно објавени.
„Потребна е истрага за тоа што точно се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност“, заклучи Филипче, нагласувајќи ја потребата и од долгорочно следење на состојбата и информирање на земјоделците дали нивните производи се безбедни за употреба.