Свет

САД ги укинуваат визите и ги депортираат странците кои го слават убиството на Чарли Кирк

САД ги укинуваат визите и ги депортираат странците кои го слават убиството на Чарли Кирк

Соединетите Американски Држави почнаа да им одземаат и одбиваат визи на луѓето кои на кој било начин го слават неодамнешното убиство на конзервативниот активист Чарли Кирк, потврди американскиот државен секретар Марко Рубио, пишува Euronews.

„Америка нема да биде домаќин на странци кои ја слават смртта на нашите сограѓани“, рече Рубио во објава на X: „Во тек е одземање на визи. Ако сте тука со виза и навивате за јавно убиство на политичка фигура, подгответе се за депортација“.

Ова соопштение следи по слично предупредување издадено минатата недела од заменик-државниот секретар на САД Кристофер Ландау.

„Сакам да нагласам дека странците кои го величат насилството и омразата не се добредојдени посетители во нашата земја“, напиша Ландау и додаде: „Згрозен сум што гледам како некои на социјалните мрежи го фалат, рационализираат или го омаловажуваат настанот и им наложив на нашите конзуларни службеници да преземат соодветни мерки“.

Досега не е познато точно колку визи се одземени или одбиени, како и врз основа на кои точни критериуми Стејт департментот одлучува да преземе такви чекори. Исто така, останува нејасно дали европските граѓани се исто така засегнати од оваа нова политика на Вашингтон.

Убиството што ја потресе Америка

Да потсетиме дека 31-годишниот Кирк беше убиен на 10 септември додека држеше говор пред студентите на Универзитетот Јута Вали. Осомничениот за убиство, 22-годишниот Тајлер Робинсон, беше уапсен во петокот по 33-часовна потера.

Обвинителите во вторник го обвинија Робинсон за убиство, тврдејќи дека го застрелал Кирк во вратот од покривот на блиската зграда на кампусот.

По фаталното пукање, американските конзервативци остро ги критикуваа поединците кои го омаловажуваа Кирк или се потсмеваа на неговата смрт на социјалните мрежи.

Поради несоодветни објави за Кирк, неколку луѓе во секторите за авијација, образование и медиуми ги загубија своите работни места или беа суспендирани.

На пример, американскиот министер за транспорт Шон Дафи изјави дека „Американ ерлајнс“ ги приземјила пилотите кои наводно ја прославиле смртта на Кирк.

„Ова однесување е одвратно и тие треба да бидат отпуштени“, рече Дафи.

Страв од задушување на политичката опозиција

Заканите на администрацијата на Трамп да преземе мерки против она што го нарекува „радикална левица“ по атентатот врз Кирк предизвикаа стравувања дека американската десница се обидува да го искористи јавниот гнев за да ја потисне политичката опозиција. Генералниот обвинител на САД, Пам Бонди, ги обвини „левичарските радикали“ за пукањето и рече дека „тие ќе бидат повикани на одговорност“.

„Постои слобода на говор и има говор на омраза“, рече Бонди во едно интервју: „Апсолутно ќе ве таргетираме, ќе ве гониме, ако таргетирате некого со говор на омраза“.

Нејзината изјава брзо предизвика критики од коментаторите од двете страни на политичкиот спектар, кои истакнаа дека Првиот амандман на Уставот на САД не дава исклучок за „говор на омраза“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни