Кардиологот Сашко Кедев ја потврди својата јавна изјава за злоупотребите при кардиохируршки интервенции, истакнувајќи дека тоа го има кажувано и претходно пред други здравствени авторитети. „Основната моја мотивација е да расчистиме со неправилностите таму каде што можеме“, изјави Кедев. Неговите тврдења доведоа до формирање комисија од домашни и странски експерти која треба да утврди дали имало непотребни операции и стентирање.
Во гостувањето во ТВ Алфа, Кедев оцени дека овој пат здравствениот систем реагирал соодветно. Комисијата анализира случаи што ги доставиле лекари од Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија. „Целта е да се воведе контрола и да се подобри системот, кој сега е предмет на најголеми инвестиции“, рече Кедев, додавајќи дека ова е можност за воведување на соодветни механизми за превенција на неправилности.
Тој нагласи дека неправилностите не се од неодамна, туку датираат многу години наназад. „Сегашниот министер за здравство не е инволвиран во овие случаи. Се надевам дека формирањето на домашната и меѓународната комисија, заедно со Лекарската комора, ќе помогне да се расчисти ситуацијата“, посочи Кедев.
Кардиологот истакна дека треба да се направат проверки и во јавното и во приватното здравство, а наодите да бидат евалуирани од меѓународни експерти. Според него, многу често конзервативен пристап е подобар од инвазивни процедури, а пациентите треба да добијат информации за здрав животен стил, исхрана и медикаментозна терапија.
„Постојат јасни случаи каде не треба ништо да се прави, што е докажливо со документацијата, како ангиографски филмови и снимки од процедурите. Доказите може да ги евалуираат само компетентни експерти – интервентен кардиолог или кардиохирург“, заклучи Кедев.