Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека Русија е подготвена да одговори на сите закани, додавајќи дека Москва и понатаму го поддржува дипломатскиот пат за смирување на тензиите „и покрај деструктивните политики на Западот“.
Говорејќи во пресрет на седницата на Советот за безбедност денеска, Путин предупреди на „исклучителна опасност од понатамошно влошување“ на геополитичката ситуација, особено во контекст на војната во Украина.
Тој додаде дека Русија понудила „конкретни идеи“ за промена на тој правец, но дека тие „апели и иницијативи не наишле на јасен одговор“, пренесува Russia Today.
„Не смее да има никакво сомневање во ова: Русија е способна да одговори на сите постојни и новонастанати закани. Не со зборови, туку со примена на воено-технички мерки“, предупреди Путин.
Откажување од мораториумот за проектили
Путин потсети на одлуката на Москва од минатиот месец да се откаже од едностран мораториум за разместување копнени проектили со среден и пократок дострел. Тој потег го опиша како „присилен чекор“, предизвикан од потребата да се спротивстави на плановите за разместување на американски и други западни проектили во Европа и азиско-пацифичкиот регион.
Сепак, тој нагласи дека Русија не е заинтересирана за воена реторика или за заканување со оружје.
„Уверени сме во доверливоста и ефикасноста на нашите национални сили за одвраќање, но истовремено не сме заинтересирани за понатамошно зголемување на тензиите, ниту за поттикнување трка во вооружување“, рече Путин.
Тој додаде дека Русија отсекогаш му давала предност на „политички и дипломатски методи за одржување на меѓународниот мир, засновани на начелата на еднаквост, неделивост на безбедноста и заемно почитување на интересите“.
Продолжување на нуклеарниот договор
Путин исто така изјави дека Москва ќе ги почитува ограничувањата за нуклеарното вооружување уште една година по истекот на последниот преостанат нуклеарен договор со САД, во февруари.
Тој нагласи дека прекинот на договорот „Нов СТАРТ“ од 2010 година би имал негативни последици за глобалната стабилност. Говорејќи на состанок со членовите на Советот за безбедност, Путин додаде дека Русија очекува и САД да го следат примерот на Москва и да ги почитуваат ограничувањата од договорот.
„Нов СТАРТ“, кој го потпишаа тогашниот американски претседател Барак Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев, го ограничува бројот на распоредени нуклеарни боеви глави на најмногу 1.550 и бројот на распоредени проектили и бомбардери на 700. Неговото скорешно истекување и отсуството на дијалог за нов договор ги загрижуваат поддржувачите на контролата на вооружувањето.
Договорот предвидува обемни инспекции на лице место за проверка на почитувањето на одредбите, но тие не се активни уште од 2020 година.
Во февруари 2023 година, Путин го суспендираше учеството на Москва во договорот, велејќи дека Русија не може да дозволи американски инспекции на своите нуклеарни постројки во време кога Вашингтон и неговите сојузници од НАТО отворено прогласија дека целта е Русија да биде поразена во Украина. Москва, сепак, нагласи дека не се повлекува целосно од договорот и дека ќе продолжи да ги почитува ограничувањата за бројот на нуклеарно оружје што тој ги пропишува.