По колапсите во регионот, енергетичарите алармираат за Македонија: Без итни инвестиции во мрежата и батериите, ни се заканува „блек-аут“

Неодамнешните големи распади на електроенергетските системи во Шпанија, Португалија и на Балканот се сериозен аларм дека владите мора итно да ги насочат инвестициите кон зајакнување на енергетскиот сектор за да се избегнат идни колапси. Ова е клучниот заклучок од Балканската енергетска школа, што во организација на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се одржа во Скопје, собирајќи експерти, регулатори и оператори од регионот и Европа.

Учесниците на собирот се согласија дека за да се обезбеди стабилна и сигурна испорака на струја во време на зголемено производство од обновливи извори, неопходни се итни вложувања во три клучни области: базна енергија, батерии за складирање на електрична енергија и, пред сè, во модернизација на електропреносниот и дистрибутивниот систем.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, порача дека дигитализацијата во енергетиката е неопходна, но мора да биде придружена со силни мерки и протоколи за сајбер безбедност. Тој, исто така, нагласи дека и во ерата на вештачка интелигенција, човечкиот фактор останува клучен.

„Инвестициите во стручен и обучен кадар е инвестиција во стожерот на електроенергетскиот сектор. Пред неколку години, како регулатори донесовме одлука со која се предвиде дека ќе бидат признаени трошоците само на нововработени инженери кои ќе управуваат со системот и ќе работат на имплементирање на европските стандарди“, изјави Бислимоски, посочувајќи на конкретни механизми за зајакнување на капацитетите.

Балканската енергетска школа е основана пред три години од РКЕ, заедно со регулаторните тела од Италија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со цел едукација и размена на искуства за најновите текови во енергетскиот сектор.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.