Тест верзија на новиот Дигитален паричник, апликација која ќе им овозможи на граѓаните да ги носат личната карта и возачката дозвола на своите мобилни телефони, ќе биде презентирана на почетокот на октомври. Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за МИА, додавајќи дека очекува јавна верзија на апликацијата да биде достапна за сите граѓани до крајот на годината.
Промоцијата на тест верзијата ќе се случи на претстојниот Дигитален самит на Западен Балкан, кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје.
„Граѓаните тоа треба да го замислат како еден паричник со лични документи. Наместо да носите возачка дозвола и лична карта со вас како картички, можете да ги носите во вашиот мобилен телефон. Ќе презентираме две услуги коишто ќе ги нуди таа тест верзија, а граѓаните коишто ќе бидат присутни на Самитот ќе можат да ја симнат и да ја тестираат“, изјави Андоновски.
Министерот информираше дека на Самитот се очекуваат 800 учесници од над 20 држави, со цел Скопје повторно да се стави на мапата на дигитално развиени економии.
Оваа иницијатива, според него, е дел од пошироката стратегија сите најкористени услуги за граѓаните да бидат достапни на еден клик. Во тој процес ќе биде надградуван и порталот uslugi.gov.mk, со цел поедноставување на изгледот и полесен пристап.
„Ова е предвесник на севкупната дигитализација на услугите, што значи дека следната фаза ќе биде дигитализација на односот на бизнис секторот кон државата“, истакна министерот Андоновски.
Читај и ова:
- 1.ГАЛЕРИЈА Сјај и беда: Двете лица на градот крај реката
- 2.ТРАГЕДИЈА ВО СКОПЈЕ: Возач со „Ауди“ усмрти пешак во Лисиче, полицијата го приведе
- 3.Дневен хороскоп – сабота – 27 септември 2025 година
- 4.Изгоре продавницата на „Синсеи“ во Неготино пред официјалното отворање
- 5.Три неработни денови за сите граѓани остануваат до крајот на оваа година