По недели со постојано известување на неидентификувани дронови над данските аеродроми и воени бази, данските власти презедоа низа мерки за да се обезбеди дека претстојниот самит на лидерите на земјите од Европската унија во Копенхаген ќе се одвива без закани за безбедноста.
Откако од минатата сабота, на 3 октомври, беше забранета секоја активност на дронови над Данска, во неделата во пристаништето на Копенхаген пристигна фрегата на германската воена морнарица FGS Hamburg. Германскиот брод ќе придонесе за надзор на воздушниот простор на Данска за време на самитот на Европската унија, пренесуваат данските медиуми.
Последната мерка на данските власти е поставување модерен радар за откривање и следење на дронови Weibel Xenta на аеродромот Каструп во Копенхаген. Данската полиција и Главниот штаб на вооружените сили не сакаа да дадат повеќе детали за радарот, кој може да се види зад оградата на Каструп. Познато е само дека станува збор за уред на данската компанија Weibel Scientific кој може да открие сите летала на растојание до 30 километри.
Систем за уништување на дронови не е инсталиран
Данската јавна радиотелевизија (DR) пренесува дека радарот всушност требал да биде испорачан на друг нарачател, но по инцидентите од минатата недела сепак е поставен на Каструп. DR исто така пишува дека Weibel Scientific пред неколку месеци веќе понудил радар на менаџерите на аеродромот во Копенхаген, но не дошло до договор.
„Радарот е развиен за воени цели и доколку бил активен минатата недела, многу повеќе би се знаело за дроновите над Каструп и би можеле да се детектираат на време. Со радарот може да се инсталира и оружје за уништување дронови, но тоа на аеродромот засега го нема“, пишува DR.
Иако во нешто помала мера, неидентификуваните дронови, за кои неофицијално се смета дека се руски и доаѓаат од руските трговски бродови во меѓународни води, речиси секоја ноќ го нарушуваат воздушниот сообраќај и во Норвешка.
Во неделата навечер аеродромот во Тромсо, град на самиот север на Норвешка, беше затворен половина час поради тоа што во т.н. „зона на исклучување“ биле забележани беспилотни летала. Малку порано истиот ден, дронови биле забележани и на аеродромот Брьонјосунд, околу 800 километри јужно. Еден лет морал да биде пренасочен поради тоа.