Поради ладното време, од денеска почна грејната сезона во Скопје

Поради значителниот пад на температурите, од денеска започна грејната сезона за потрошувачите во Скопје приклучени на системот за централно греење, па голем дел од граѓаните утрово се разбудија со топли радијатори. Компанијата „ЕСМ снабдување со топлина“ вчера најави дека се исполнети условите за предвремен старт на греењето.

Иако официјалниот почеток на грејната сезона е 15 октомври, регулативата дозволува таа да започне и порано, од 1 октомври, доколку средната надворешна температура прогнозирана за наредниот ден е 12 степени Целзиусови или пониска. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска беше прогнозирана средна температура од 10˚С, со што беа исполнети условите пропишани од Регулаторната комисија за енергетика.

Од „ЕСМ Снабдување“ информираат дека сè до 15 октомври, на нивната веб-страница секојдневно ќе објавуваат информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за следниот ден.

Компанијата истовремено упати апел до сите потрошувачи да ги завршат неопходните поправки на внатрешните инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап до топлинските потстаници и платени сметки за електрична енергија во истите, со цел да се овозможи непречена испорака на топлина. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.