Судијката Диана Груевска Илиевска ќе го суди случајот за трагедијата во „Пулс“

Откако денеска беше потврдено дека обвинението за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ е одобрено во целост, Основниот кривичен суд Скопје информираше дека предметот е распределен кај судијката Диана Груевска Илиевска.

Според соопштението на судот, предметот со број К.бр. 1872/25, согласно АКМИС-системот за автоматска распределба, е доделен на понатамошно постапување кај судијката Груевска Илиевска од одделот за Кривично полнолетни.

„Станува збор за судија со 19 годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17 – годишен стаж како стручен соработник“, се вели во соопштението на судот.

Со овој чекор, случајот за една од најголемите несреќи во поновата историја на земјава влегува во судска фаза. Од Основниот кривичен суд најавуваат дека јавноста и странките во постапката ќе бидат навремено известени за сите понатамошни чекори, вклучително и за закажувањето на главната расправа.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.