Судски совет не одговара кога ќе донесе одлука за судијките од Апелација за случајот „Телеком“

Во моментов останува непознато кога Судскиот совет ќе закаже седница на која ќе ја донесе конечната одлука за одговорноста на трите судијки од скопска Апелација кои постапуваа во случајот „Телеком“. Иако Врховниот суд веќе се произнесе по жалбите на судијките, финалниот збор го има токму Судскиот совет, кој треба да ги спроведе или преиначи сопствените одлуки.

Во текот на денешниот ден испративме прашање до Судскиот совет со цел да се добијат информации за следните чекори во постапката, но до моментот на објавување на оваа вест, одговор од институцијата не е добиен.

Оваа постапка влегува во завршна фаза откако Врховниот суд неодамна одлучи по жалбите на апелациските судијки Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку. Врховен донесе одлука за две од судијките, додека за третата одлучувањето беше одложено.

Сега, предметите се вратени кај Судскиот совет, кој првично донесе одлука за разрешување на Савовска Димитровска и Георгиева и парична казна за Ајдини Бошњаку, поради утврдени низа неправилности при носењето на пресудата со која „Македонски телеком“ требаше да исплати отштета од четири милиони евра на фирмата „Фокуснет“.

Целиот случај е под лупа и на Основното јавно обвинителство, кое води предистражна постапка и има издејствувано судски мерки за привремено запирање на финансиски трансакции поврзани со случајот.

Молкот на Судскиот совет за овој предмет доаѓа во време кога телото е активно и носи одлуки за други случаи од висок профил. Имено, во текот на вчерашниот ден, Судскиот совет донесе одлука за разрешување на судијата од Врховниот суд, Енвер Беџети.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.